Банер
Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа PDF Печати Е-пошта
Вторник, 02 Февруари 2010 11:39

1 На 02 февруари 2010 година (вторник), во Пили, Република Грција  потпишан е трилатералниот „Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа„.

На настанот  присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање на Р. Македонија, Неџати Јакупи, министерот за животна средина, енергија и климатски промени на Р. Грција, Константина Бирбили, министерот за животна средина, шуми и управување со води на Р. Албанија, Фатмир Медиу, градоначалникот на Општина Ресен Михаил Волкановски и претставник на Европската комисија за животна средина.

Мудро управување со количеството и со квалитетот на водостојот на Големото и Мало Преспанско Езеро, спречување, контрола и намалување на загадувањето на водите, заштита на загрозените видови на флора и фауна, се дел од основните обврски кои произлегуваат од трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на подрачјето на паркот „Преспа“, кој денеска во местото Пили на грчкиот дел од Преспа го потпишаа министрите за животна средина и просторно планирање на Македонија, Грција и Албанија, Неџати Јакупи, Константина Бирбили и Фатмир Медиу. Договорот го потпиша и комесарот на Европската унија, Ставрос Димас.

Со потпишувањето на Договорот се одбележува и 10-годишнината од создавањето на паркот „Преспа“ и Светскиот ден на водните живеалишта.

Договорот ја поставува основата за ефективната заштита на екосистемот на Преспа како основа за одржлив развој на подрачјето. Паркот „Преспа“ е прво погранично заштитено подрачје во Југоисточна Европа.

Министерот Јакупи на  потпишување на Договорот потсети дека пред два месеци премиерите Груевски, Бериша и Папандреу во контекст на Копенхагенската конференција за климатски промени се обврзале да работат на конзервација и одржливо користење на биодиверзитетот во сливното подрачје.

Договорот, потенцира Јакупи, доаѓа во клучен момент бидејќи, како што рече, сериозни закани се повлекување на водата, загадување на почвата, загадување со опаѓање на состојбата на екосистемот.

Владата на Република Македонија е цврсто убедена дека регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина особено меѓу соседните земји ќе донесе полза за луѓето и за животната средина во соодветните земји, а ќе придонесе и кон постигнување на целите на нашиот пат кон пристапување во ЕУ, рече Јакупи.

Тој додаде дека Договорот е резултат на 10-годишната заедничка работа од Декларацијата потпишана во 2000 година и од воспоставувањето на паркот „Преспа“, од работата на привремениот Координативен комитет на паркот и од неговиот Секретаријат. Јакупи потенцира дека Македонија целосно го поддржува воспоставувањето на управното тело на паркот „Преспа“ и оти ќе обезбеди поддршка на Комитетот и на Секретаријатот кои ќе бидат воспоставени со Договорот.

Комесарот на ЕУ Ставрос Димас  истакна дека Договорот е усогласен според европските закони и со можности за финансирање и потенцира оти главни цели се заштита на екосистемот на Преспа и подобар животен стандард на жителите од регионот.

Министерот за животна средина на Грција Константина Бирбили потсети дека паркот „Преспа“ е основан на 2 февруари 2000 година од тогашните премиери, со цел заштита на животната средина и култура. Таа Договорот го оцени како почеток и голем чекор за соработка меѓу државите.

Албанскиот министер за животна средина Фатмир Медиу изрази надеж дека Грција ќе преземе водечка улога за проблемот во овој регион зошто, како што рече, таа е во можност тоа да го стори.

Последно освежено на Среда, 03 Февруари 2010 08:08